Минатата година е убедливо најслаба според продажбата на нови автомобили во земјава, покажуваат податоците што деновиве ги објави Царинската управа. Односно, лани импортерите на нови автомобили во земјава успеале да продадат само 3.052 возила за сите 12 месеци. Тоа е помалку за околу 8 проценти во споредба со 2013 година, кога возниот парк во земјава бил збогатен со 3.288 нови автомобили. Претходно, пак, 2012 година завршила со увезени 4.021 „ганц“ убавици на четири тркала, додека, пак, во 2011 нивниот број изнесувал 5.795. Додека, пак, во споредба со овие бројки 2010 година, според увезените нови автомобили изгледа како фантастична и речиси недостапна година, бидејќи македонските граѓани во таа година со дозволиле да си купат 7.183 нови автомобили, а уште подобра била 2009, со увезени дури 10.574 нови патнички возила.
Минатата година е убедливо најслаба според продажбата на нови автомобили во земјава, покажуваат податоците што деновиве ги објави Царинската управа. Односно, лани импортерите на нови автомобили во земјава успеале да продадат само 3.052 возила за сите 12 месеци.
Тоа е помалку за околу 8 проценти во споредба со 2013 година, кога возниот парк во земјава бил збогатен со 3.288 нови автомобили. Претходно, пак, 2012 година завршила со увезени 4.021 „ганц“ убавици на четири тркала, додека, пак, во 2011 нивниот број изнесувал 5.795. Додека, пак, во споредба со овие бројки 2010 година, според увезените нови автомобили изгледа како фантастична и речиси недостапна година, бидејќи македонските граѓани во таа година со дозволиле да си купат 7.183 нови автомобили, а уште подобра била 2009, со увезени дури 10.574 нови патнички возила. Тоа значи дека бројот на купени нови автомобили за период од последниве четири години е намален за 2,5 пати, додека, пак, падот на увезени нови коли во последниве пет години е за 3,5 пати, говорат бројките на Царинската управа на Македонија.
Треба да се има предвид и фактот дека дури и овие 3.052, нови автомобили што лани биле увезени, сите не завршиле само кај граѓаните, туку дел се набавки на институции или компании кои решиле да го подноват својот возен парк.
А наспроти новите коли, пак, може да се забележи дека во последните три месеци од минатата година биле увезени многу повеќе половни коли во споредба со другите месеци. Или, ако просечно месечно лани се увезувале по околу 2.000 стари коли, тоа е зголемено во октомври, со 3.105 употребувани коли, во ноември 2.717, а во декември, пак, Македонија станала домаќин на дури 4.292 увезени стари патнички возила.
Иако статистиката на Царината тие податоци не ги презентира издвоено, се претпоставува дека во последните три месеци лани главно се увезувале возила со еколошкиот стандард „еуро2“, чии датум на производство е пред 2000 година. Ова од причина што со одлука на Владата, веќе од почетокот на годинава нивниот увоз не е дозволен. Тоа го потврдија и сопствениците на плацевите за стари возила во земјава, кои кон крајот на минатата година изјавуваа дека кај нив е значајно зголемена побарувачката за колите со стандард „еуро 2“, со цел да се фатат последните рокови во кои е возможна набавка на овие автомобили.
Имено, на почетокот на ноември лани министерот за економија Беким Незири соопшти дека владините пресметки покажале дека голем број граѓани во земјава имаат такви возила, па затоа тој чекор би бил на штета на населението, а Владата не сака да го дозволи тоа. Тој тогаш, сепак, нагласи дека ќе се преземаат мерки за намалување на емисијата за штетни гасови, односно ќе се редуцира користењето на стари автомобили на улиците, но тоа ќе се одвива постепено и прво ќе се почне со автомобилите со „еуро 0“, а потоа постепено ќе се оди кон намалување на возилата со „еуро 1“. Ова следуваше откако претходно Владата информираше дека се размислува за воведување забрана за користење на возила кои не исполнуваат стандард „еуро 3“, што би значело дека секој што поседува автомобил постар од 2000, би морал да му вгради специјален катализатор, со кој би се исполнил овој еколошки стандард. Од Министерството за животна средина изразија мислење дека возилата со еколошки стандарди „еуро 0“, „еуро 1“ и „еуро 2“ се веќе се неприфатливи за употреба во земјава, односно дека стандардот „еуро 3“ е минимум кој треба да биде исполнет.
Инаку, автомобилите со стандард „еуро 3“ ќе можат да се увезуваат заклучно со крајот на јуни годинава, а потоа, стартувајќи од јули, во земјава ќе биде дозволен влез само на возила со еколошкиот стандард „еуро 4“.
Инаку, според податоците на Царината, иако во последните три месеци лани се зголемил увозот на стари коли, бројката за цела година е речиси идентична со онаа од 2013, односно лани вкупно се увезени 29.558 употребувани коли, што е за две помалку од 29.560 во 2013 година.
А, всушност, најмногу стари коли во земјава се увезоа во 2010 година, дури 51.399, кога Владата го олесни увозот на половните возила, со образложение дека тоа ќе помогне да се обнови возниот парк во земјава. Од тогаш Македонија стана „домаќин“ на над 150 илјади употребувани автомобили, а дел од нив постари и од 15 години.
Инаку, лани биле увезени 1.130 нови и 1.201 половни товарни возила. Додека, пак, во текот на минатата година во земјава биле увезени само шест нови, и дури 160 употребувани автобуси и минибуси, зборуваат бројките на Царинската управа.